Никодиновски меч-винер, Кичево го доби трилерот со Јехона!

Тимот на Кичево имаше победнички старт во новата сезона од Првата лига, откако на домашен терен славеше против Јехона со 23-22.

Решавачкиот гол го постигна Иван Никодиновски во финишот од мечот од пенал, а гостите не успеаја да погодат во последниот напад за барем бод од ова гостување.

Во првиот дел гостиварци беа подобри, имаа предност и од шест гола, на пауза имаа плус три, 16-13, но ниту тоа не беше доволно.

Кичевци во второто полувреме направија комплетен пресврт, но Јехона се врати во егал во финишот, кој сепак им припадна на домашните.

Најдобри стрелци во победничката екипа беа Кристијан Смилески со девет и Дарко Јаневски со пет гола, додека кај Јехона повратникот Адис Салиу даде девет гола.