Поранешната репрезентативка на Македонија и екс членка на Кометал ЃП, Веселинка Треноска и во новата натпреварувачка сезона ќе биде активна на терените и ќе продолжи да брани во косовскиот шампионат.
Треноска реши да ја продолжи соработката со косовски Феризај, клуб кој што во изминатата сезона го освои вицешампионското место во домашниот шампионат, а исто така го освои и сребрениот медал во Купот на Косово.
Во екипата на Феризај покрај Треноска останува и левото крило Ива Стојковска. Двете ракометарки заедно со Мери Гичева, која во новата сезона ги засили редовите на Гевгелија, беа меѓу носителите на играта и главните виновници за остварениот успех на Феризај во минатата сезона.
Амбициите на Феризај и за новата сезона остануваат непромените. Екипата ќе атакува на првото место, а главен фаворит за освојување на шампионската титула е актуелниот шампион Истогу, кој е противник на Чаир во рамки на Европскиот Куп.
Феризај на европска сцена, односно во Европскиот Куп за противник во втората фаза ја има полската екипа Кобержице, во која настапува ракометарката од Македонија, Зорица Десподовска.