Грубиќ: Oдиме кај Алкалоид по нова победа и три бода

Осоколени после победата над Прилеп, ракометарите на Охрид атакуваат на нови три бода против дебитантот во Суперлигата, тимот на Алкалоид, кој е предводен од актуелниот селектор на Македонија, Кирил Лазаров, и кој во двете воведни кола забележа две победи.

Еден од новајлиите во тимот на Андоновски, српскиот интернационалец Никола Грубиќ, кој со седум погодоци беше лидер во триумфот против прилепчани, вели дека иако играат во гости ќе одат на нова победа и нови три бода.

„Како и за секој натпревар се спремаме, го анализираме противникот, во случајов екипата на Алкалоид. Од она што можевме да го видиме станува збор за релативно млада екипа која игра брз ракомет и која се бори за секоја топка. Не очекува добар натпревар во Скопје, ќе дадеме сѐ од себе и ќе се обидеме да освоиме нови три бода. Фаворитската улога им ја препуштам на Алкалоид, сепак тие играат на домашен терен, но сигурно не одиме таму да се предадеме, ќе одиме на победа, ќе дадеме сѐ од себе. После победата над Прилеп, сакаме нова победа и нови три бода“, изјави Грубиќ.

Српскиот интернационалец додава дека мал хендикеп за нив ќе претставува отсуството на Ончев поради повредата заработена на натпреварот со Прилеп, но сите ќе го дадат максимумот за да неговото отсуство биде помалку видливо.

„Мал хендикеп за нас е повредата на Ончев, се надеваме дека ќе се врати што побрзо бидејќи ни е многу потребен во овие тешки натпревари, ние ќе се обидеме да ја покриеме таа позиција, секој играч да го даде максимумот, за што помалку да се забележи неговото отсуство на теренот, истакна Грубиќ.

Српскиот ракометар кој во победата над Прилеп запиша седум погодоци зад своето име и беше најдобар на теренот, вели дека кога тимот игра добро полесно ѐ и некој поединец да се истакне со голови, но тоа не е толку битно како крајниот резултат.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Охрид се игра во сабота во 18:00 часот во СЦ „Борис Трајковски.