Еден од руските репрезентативци што играа во Вардар во ерата на Сергеј Самсоненко е кружниот напаѓач Михаил Чипурин.
Тој во својата кариера освен за Чеховски Медведи, играше за уште два клуба – за Вардар и францускиот Иври, каде што ја заврши кариерата.
Во интервју за реномираниот руски портал „Брз Центар“, Чипурин откри во што е подобра Македонија од Франција.
„Во Македонија месото го подготвуваат одлично. Иако Франција има висок рејтинг во гастрономијата, сепак Македонија е подобра во тој дел. Искрено, во Франција пилешкиот стек мораш да го џвакаш многу долго, додека во Македонија буквално се топи во уста. И нема разлика каде нарачуваш – дали во најскапиот ресторан или во обично кафуле. Уште една предност на Скопје и Вардар е блискоста до Солун. Со автомобил два или три часа. За викендите со семејството често одевме таму. Се сончавме на плажа, се капевме во море, шетавме низ градот. Пролет и есен таму е прекрасно. Тивко, мирно, без туристи“, вели Чипурин.
Рускиот пивот потенцираше уште една важна работа, во која Вардар и Македонија се подобри од Франција.
„Во Вардар раководството на клубот им помагаше на играчите во решавањето на сите проблеми, за разлика од Иври каде со сите работи мора да се занимаваш сам. Во Франција дури и изнајмувањето стан е многу сложено“, вели Чипурин.
Чипурин сега е потпретседател на ракометната федерација на Москва и се грижи за развојот на ракометот во училиштата во руската метропола.