Репрезентацијата на Романија, која е еден од противниците на македонската репрезентација на ЕП во ноември, на кое нашата држава заедно со Словенија и Црна Гора ќе бидат домаќините на континенталниот собир, пред доаѓањето во Скопје ќе одигра три пријателски натпревари.
Романија во периодот од 26 септември до 2 октомври ќе го организира традиционалниот турнир „Трофеј Карпати“. Натпреварите од традиционалниот турнир ќе се играат во градот Бистрица.
Освен Романија, учесници ќе бидат и репрезентациите на Шпанија, Србија и Австрија, па така новиот селектор на Романија, Флорентин Пера ќе има вистинска шанса да ја провери формата на секоја ракометарка пред настапот на Европското првенство.
Романија освен со Македонија на континенталниот собир, ќе игра и со репрезентациите на Франција и Холандија во рамки од групата Ц. Најдобрите три репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман во главната фаза.
Дуелот меѓу Македонија и Романија ќе се одигра во последното коло од групната фаза, односно на 9 ноември во СЦ „Борис Трајковски“.