СЕДМЕРЕЦ: Супер лигата почна, Супер купот помина, „супер“ комисијата се комплетира

Еурофарм Пелистер ја одбрани титулата во Супер Купот, Вардар уште се загрева за одбрана на шампионска

1.Големото дерби во Супер купот, па здравје, во плеј-офот

Ако Супер купот е некаква супер увертира за штотуку почнатата сезона на македонската ракометна сцена, тогаш веќе е јасно дека ќе биде интересно и неизвесно. Веќе е јасно и дека Македонија одново има големо дерби со сите нишани, со старо ривалство и нови амбиции, едните да испливаат и да го задржат приматот, другите да го освојат врвот и да го вратат стариот сјај. И одново со полни трибини и со атмосфера за нас добро позната, за странците восхитувачка и воедно, по малку „егзотична“ и необична. Додека да се навикнат…

Еурофарм Пелистер и донесе уште еден пехар на ракометна Битола. Овој пат втор во континуитет, вицешампионски „одбранет“ Супер куп од лани во директен дуел со Вардар како шампион. И со „детето од Вардар“, Марко Кизиќ одново со клучна одбрана за победа на Еурофарм Пелистер против Вардар.

Со оглед на промените и во Еурофарм Пелистер и во Вардар, тешко може да се направи некоја релевантна споредба со ланската пресметка и уште помалку некаква проекција дека и во шампионатот ќе биде или нема да биде исто како лани. Затоа што не се исти тимовите, ниту буџетите, а не е ни истиот систем на натпреварување.

Од перспектива на жешката атмосфера, полните трибини, ривалството и квалитетот, можеби е и штета што двата најсилни клуба на македонската ракометна сцена поделени во две различни групи во вратениот проширен систем на гломазната Супер лига, следниот дуел на домашна сцена по Супер купот ќе им биде дури напролет во плеј-офот.

Не дека нема да има и други интересни дуели во суперлигашките пресметки, ама „регуларниот“ дел од суперлигашката сезона ќе го нема големото дерби, а со тоа и голем дел од интересот и неизвесноста што лани траеше во текот на целата сезона.

Можеби тука СЕХА ќе влета за да можат Вардар и Еурофарм Пелистер да ги одмерат силите и да видат кој до каде е и во периодот во кој суперлигашки се разминуваат, зависно од тоа „ако“ и „како“ ќе се игра регионалната лига. Иако, дефинитивно не е со ист набој и тензија лигашка пресметка во СЕХА и суперлигашка во која се брани и се напаѓа шампионска титула. Впрочем, ако ви текнува, токму тоа беше и целта на силната кампања за враќање на сехалигашите во домашниот шампионат. За да се подигне квалитетот и интересот во домашното првенство и секако, за да го има големото дерби во текот на целата сезона.

2.Вардар за 40 минути

Вардар и Еурофарм Пелистер на охридски терен во Супер куп пресметка одиграа со многу пресврти. И едните и другите беа речиси подеднакво блиску до победата. И едните и другите покажаа и добри и лоши страни и предности и недостатоци што ќе треба да ги надминат.

Еурофарм Пелистер делува многу покомпактно и поразиграно под водство на Данецот Ларс Валтер, иако на моменти во нападот им недостасува прецизност и сигурноста со „а ла Периќ“ решенија. Јасната визија и авторитетот на данскиот тренер и подолгата клупа се предностите што сега го ставаат битолскиот тим во рамноправна, па дури и во поповолна позиција во дерби пресметката со Вардар. А, што е за право, токму овие адути на Еурофарм Пелистер претсезонски му донесоа и неколку големи победи во „трилер завршници“.

На другата страна, Вардар има квалитет, традиција, искуство и рутина, но во исто време и тенка клупа, мала алтернатива за клучните бековски позиции и исцрпувачко темпо за 2-3 ракометари што се носители на играта.

Или што би рекол Недановски – „да играме 40 минути нема кој да не победи, ама за 60 минути ни фали ротација…“.

Богами, фали и некоја попрецизна акција во оние „еј“ тајм-аути.

Иако се уште е краток во ростерот, Вардар, по онаа шок суспензија од европските настапи, летово сепак, „одигра“ релативно добро во креирањето на составот. А, многу веројатно, ќе игра на сигурно и на полусезона со некој дополнителен адут за плеј-офот. Барем така навестуваат изјавите од „црвено-црниот“ табор.

Ако има пари, има и време! Само што почна големата Супер лига, има време до плеј-офот да се наредат коцките додека поминат групите.

3.Зголемен и незголемен ангажман

А, во меѓувреме сигурно ќе се средат и наредат и работите во новоформираната Натпреварувачка комисија. Големи лиги, тричлена комисија. Па, не може се сам еден човек да решава кого да делегира и по кои правила да се игра!

Досегашниот комесар за натпревари, Славе Николов не се (с)најде во таква „тројка“ комбинација, со еден новак на сцената и еден пензионер и минатата недела си поднесе оставка. Или ако се држиме прецизно до формата „спогодбено ја раскинаа соработката“, како што информираа денеска од РФМ: „г-дин Славе Николов поради зголемен ангажман како ракометен судија на национално и меѓународно ниво спогодбено ја раскинаа соработката со Ракометна Федерација на Македонија во делот на спороведување на програмските активности…“ (фали некоја запирка за да биде појасно, кој со кого раскинал, ама текстот е пренесен така како што е објавен на официјалната страна на РФМ)

На негово место како трет член на Натпреварувачката комисија, РФМ го наименува Благојче Тодоровски, исто така „ракометен меѓународен судија со долгогодишно искуство на национално и меѓународно ниво“.

Само тој изгледа со не така „зголемен ангажман како ракометен судија на национално и меѓународно ниво“ за да не може да биде и трет член во новата Натпреварувачка комисија?!

Искрено, малку ме збуни првиот и вториот пасус од информацијата, ама надлежните најдобро си знаат што објавуваат.

Во меѓувреме, додека се средат кадровските промени, Прва лига машка и единствената женска лига во новата сезона се уште си тераат со ланските пропозиции… Можеби е само формална работа, ама хипотетички може да биде и суштинска за клубовите кога натпреварувањето е веќе почнато, а пропозициите допрва треба да се усвојат.

Ситуацијата е вонредна, но забелешката е процедурална.