Македонскиот вицепрвак во женска конкуренција Куманово продолжува да го комплетира тимот пред стартот на новата натпреварувачка сезона, 2022/23, во која екипата ќе атакува на враќање на шампионската титула во свои раце.
По ангажирањето на двете голманки Матеа Чурлиновска од Деспина и Симона Грујовска од Вардар, како и Габриела Величковска, која игра на позицијата лев и среден бек, нова ракометарка во редовите на Куманово е кадетската и младинска репрезентативка на Македонија, Мила Пешиќ.
Младата ракометарка настапува на пикерската позиција и со само 17 години во изминатата сезона го имаше првиот интернационален предизвик. Пешиќ од Вардар направи трансфер во Верл, кој се натпреварува во пониските лиги во Германија и со стекнатото интернационално искуство ќе биде од голема помош во тимот предводен од Драгана Ристова.
Куманово ќе биде дел од групата А во Женската лига и ќе игра со Шампион, Скопје, Спартак, Вардар, Чаир, Пелистер и Гевгелија. Избраничките на Ристова освен на домашна сцена ќе учествуваат и во Европа, односно во Европскиот Куп каде за противник во второто коло го имаат израелскиот првак Макаби Рамат Ган.