Во стил на најголемите фудбалски ѕвезди: Хансен пристигна во Алборг!

Новиот ракометар во редовите на Алборг, репрезентативецот на Данска, Микел Хансен денеска со приватен авион од данската престолнина, Копенхаген, пристигна во Алборг и веднаш се приклучи на тренинзите во неговиот нов клуб.

Неговиот лет, кој беше од околу 400 километри, беше проследен од неколку телевизиски екипи, меѓу кои и „Спорт ТВ2“. Хансен како фудбалска ѕвезда пристигна во Алборг, клуб кој во новата сезона ќе атакува на пласман на Ф4 турнирот во најквалитетното европско натпреварување.

Микел Хансен се враќа во данскиот ракомет по десет години минати во француски ПСЖ. Со клубот од Франција освои голем број на трофеи во францускиот шампионат, но не успеа да го освои и трофејот во Лигата на шампионите.

Данската ѕвезда со раководството на Алборг потпиша тригодишен договор, со можност за продолжување на соработката доколку двете страни бидат задоволни.

Пред да се пресели во ПСЖ, Хансен беше дел и од Барселона, како и од ГОГ Гудме со кој ја освои титулата во Данска во 2007 година.

За националниот тим досега постигна 1099 голови, но сепак има уште многу голема разлика со првиот на вечната листа, Ларс Кристијансен, кој има постигнато 1503 погодоци.