На 23 и 24 август ќе се одржи првото издание на меморијалниот турнир „Крсте Андоновски – Усташ“, со учество на четири екипи.
Неговите двајца внуци, Крсте и Даниел, кои во моментов се членови на составот на Охрид, го најавија турнирот на кој покрај домаќинот, ќе играат уште Пролет, Тиквеш и Партизан од Србија.
„Да искажам голема благодарност до раководството на клубот Охрид кој го организира овој турнир во чест на мојот дедо кој остави голем белег во македонскиот ракомет. Беше тренер на многу македонски екипи и селектор на репрезентации. Што се однесува до турнирот, добредојдени ќе ни се овие натпревари за воигрување на екипата, сите ривали се квалитетни, и се надевам дека во иднина овој турнир ќе прерасне во традиција“, изјави Крсте Андоновски, капитенот на Охрид.
Бекот Даниел Андоновски исто така се заблагодари на раководството за организацијата на турнирот.
„Да се надоврзам на капитенот. Голема благодарност до општината Охрид и до раководството за организација на овој турнир што ќе го организира во чест на мојот дедо. Задоволството е големо почестени сме како фамилија. Емотивно е, љубовта кон ракометот ни ја всади баш нашиот дедо“, вели Даниел.
Овие натпревари ќе бидат добредојдени за воигрување пред стартот на сезоната.
„Како што знаете имаме комплетно нова екипа, мал е периодот за воигрување, бидејќи почетокот е за десетина дена. Се работи за квалитетни ривали, ќе го искористиме овој турнир за да видиме кој колку може да допринесе и да склопиме една добра екипа што ќе може да ги исполни своите цели. Сите ракометари се 100% подготвени за настап“, изјави капитенот Крсте Андоновски.
Полуфиналните средби се на програмата во текот на утрешниот ден, додека задутре ќе се играат мечот за третото место и финалето.