Македонскиот шампион во женска конкуренција Ѓорче Петров продолжува да се засилува за новата натпреварувачка сезона, 2022/23, во која ќе ја брани освоената титула во домашниот шампионат.
Ново засилување во редовите на Ѓорче Петров е младата ракометарка Исидора Котевска, која настапува на позиција среден бек и која во македонскиот шампион ќе пристигне од екипата на Деспина Прилеп.
Котевска беше на скратениот список кај селекторот Љубомир Савевски за настап на Светското првенство за кадетки, кое се одржуваше во Македонија, но поради повреда во последен момент, отпадна од комбинацијата за настап на кадетскиот Мундијал.
Претходно Ѓорче Петров се засили со Емилијана Ризоска од Феникс, Марија Јанкуловска од Пелистер и Теодора Дукоска од Чаир, а договорот со клубот го продолжи Милица Николиќ.
Екипата на Ѓорче Петров во новата сезона ќе игра во групата Б заедно со Металург, Стружанка, Деспина, Овче Поле СУ, Астибо, Феникс и Кузман Вардар. Најдобрите четири екипи од регуларниот дел ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата.
Освен на домашна сцена, Ѓорче Петров ќе учествува и во Европа, односно во Европскиот Куп каде во второто коло ќе се соочи со исландскиот тим КА Пор.