Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!
Еден од личностите, кој подолго време бил дел од Струшкиот ракометен турнир е актуелниот селектор на македонската репрезентација на песок и екс ракометар на Струга, Сашо Србиновски. Квалитетот на екипите и досегашната трага, која овој престижен турнир ја остави во македонскиот ракомет и пошироко, доволно говори дека организацијата на турнирот била на највисоко ниво. Годинава се навршуваат 50 години од турнирот, а Србиновски е еден од оние што по различни основи бил дел од истиот.
По првото издание во 1973 година турнирот за кратко време прерасна во меѓународен турнир на кој учествувале голем број странски екипи, познати ракометни имиња, тренери, европски шампиони. Србиновски во периодот од 1981, па сѐ до 1996 бил дел од Струшкиот турнир како играч на Струга, потоа како тренер на домаќинот, а во период од 2012 до 2017 година како спортски директор на турнирот.
,,Моето прво сеќавање за овој квалитетен турнир е уште од раното детство. Како дете ги гледав тогашните македонски и струшки асови на ракометниот спорт, а подоцна во 80-те години и како играч на ракометниот клуб Струга. Струшкиот турнир е една ракометна и спортска манифестација и секако, атракција, која што многу одамна го прослави градот. Во Струга освен домашни екипи, учествуваат и странски екипи и тоа го прави турнирот посебен и поквалитетен”, изјави Србиновски.
На отвореното игралиште гостувале некогашните европски прваци Металопластика Шабац, Динамо Букурешт, Борац Бања Лука, Целје, Вардар, кој и ова година ќе биде учесник на турнирот и ќе ја брани освоената титула од минатата сезона, потоа ПСЖ, ПИК Сегед, своевремено силната екипа на Славија Прага и Бањик Карвина… Во поново време француските Тулуз, Кретеј и Шарт, потоа шведскиот Алингсас, романската Констанца, турскиот Бешикташ.
Србиновски имал желба на Струшкиот турнир да играат и неколку екипи кои во минатото биле на врвот на европскиот ракомет, но поради финансиските услови, немале можност да ги донесат како учесници на еден од најстарите турнири во Европа.
,,Секако дека организацијата во 80-те години била многу потешка отколку денес, посебно кога организаторот сакал да гостуваат некои квалитетни екипи, пример од Франција или Германија. Во денешно време комуникацијата е полесна благодарение на интернетот, кој е достапен до секој. Сме имале разговори со екипи од ракометниот крем на Европа, екипи кои што ја освојувале Лигата на шампионите. Некои од екипите имаа посебни барања за да учествуваат на Струшкиот турнир. Тоа беа барања од финанскиски аспект, кои за жал, не сме биле во можност да ги исполниме, па поради тоа не сме успеале да ги донесеме на турнирот во Струга”.
Струшкиот турнир и без екипите од ракометниот крем, секоја година добива на квалитет, пред сѐ поради учеството на најдобрите екипи од Македонија и доаѓањето на неколку атрактивни екипи од Европа.
,,Сепак, и без нив, турнирот во Струга беше, а и остана на високо ниво. Струшкиот турнир е познат и признат во европските и светски кругови. На турнирот во минатото продефилираа такви имиња и играчи, кои и денес претставуваат големи авторитети во ракометниот спорт”.
Србиновски смета дека отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ покрај Женската плажа за време на Струшкиот турнир треба да биде покриено, со цел да може екипите да играат и при временски непогоди.
,,Голема пречка во организацијата претставува отвореното игралиште, односно времето. Бидејќи се игра на отворено, понекогаш може да има дожд и да предизвика дополнителни главоболки за организаторот. Се надевам дека на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир времето ќе ги посака организаторите. Би сакал во блиска иднина да се покрие игралиштето за да можат екипите да играат и при временски непогоди”.
Екипата на Алингсас, која неколку пати има учествувано на Струшкиот турнир, на Србиновски му оставила најголем впечаток.
,,Лично мене, посебен впечаток со играта, како и со однесувањето и пристапот кон турнирот, ми остави екипата од Шведска, Алингсас. Директор на екипата во тоа време беше Пер Јохансон. Постојат и други екипи кои се покажале како вистински професионалци на теренот, пример, неколку екипи од Франција кои гостуваа во Струга и беа победници на Струшкиот турнир (Сесон Рен и Шарт)”.
Струшкиот турнир освен за популаризацијата на ракометот во Струга, голем удел има и за развојот на туризмот во градот.
,,Покрај популаризацијата на ракометот во Струга, од овој турнир голма полза има и туризмот во градот. Струга со Струшкиот турнир добива голема реклама за што би и требало учество на многу туристички саеми. Според мене, добро би било во иднина да се организираат турнири во Струга и во помладите категории (пионери, кадети…), со што Струга би станала вистински ракометен центар на овој дел од Европа”, заврши Србиновски.
Од 16 до 20 август ќе се одржи 50. издание на традиционалниот Струшки турнир кој го носи името на „Вангел Баљукоски – Баљук“. Традиционално турнирот има меѓународен карактер и годинава ќе учествуваат и два поранешни европски прваци, Вардар и Целје од Словенија.
Тие ќе бидат дел од вкупно осумте екипи што ќе се борат за трофејот. Во Струга ќе се појават и домаќинот Струга, повеќекратниот македонски првак Еурофарм Пелистер, Бутел и новиот суперлигаш Алкалоид. Од странските екипи покрај Целје, годинава ќе допатуваат и АЕК Атина и Татран Прешов.
Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.
Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.
Јубилеј 50 години „Струга 2022“: Се за најдолговечниот и најуникатниот ракометен турнир
СТРУГА 2022: Јованоски – Ретко кој може да се пофали со традицијата што ја има Струшкиот турнир