Новеска го анализираше првиот евромеч: Искуството на Бриксен си го направи своето

Вардар по петгодишна пауза повторно настапи на европската сцена и го одигра првиот од двата натпревари против Бриксен во Италија. Се држеше Вардар до 50. минута, па падна и противникот победи со 32-29. Тренерот Даниела Новеска смета дека нејзините ракометарки имале добри периоди, но искуството и организацијата на италијанскиот тим на крајот дошле до израз.

Вардарки добро го почнаа натпреварот, а промената на одбранбената формација им овозможи да создадат и резултатска предност. Сепак, во продолжението Бриксен успеа да ја наметне својата игра.

„Имавме прилично добар почеток. Направив промена во одбранбената формација, од 6-0 преминавме во 5-1 и тука успеавме малку резултатски да се одлепиме. Меѓутоа, станува збор за екипа која е драстично поискусна од нас. Бриксен повеќе наликува на некоја екипа од Бундес лигата, иако натпреварот го игравме во Италија. Целата нивна организација, поставеноста на теренот и искуството на ракометарките на Бриксен на крајот си го направија своето“, изјави Новеска.

Во второто полувреме Вардар имаше проблеми со играта преку линијата од шест метри и искусните крила на противникот, а беше забележлив и падот на голманскиот учинок.

„Мислам дека во второто полувреме падна нашата голманска статистика. Бриксен успеваше да нè пробива преку пикерот и со додавањата до своите искусни крила. Во нашиот дел од играта не успевавме доволно да ги развиеме транзицијата и контранападот. Тоа во вториот натпревар ќе се обидеме да го искористиме како можност за изненадување. Бриксен сега многу добро нè запозна и веројатно ќе се подготви уште подобро за нас, но мислам дека имаме простор да изненадиме“, истакна тренерот на Вардар.

Новеска беше задоволна од ракометарките кои доследно ги исполнувале поставените задачи, но смета дека тимот мора да биде поконкретен и поцврст во одбраната.

„Задоволна сум од ракометарките кои беа доследни и кои ги одработуваа поставените задачи. Не сум задоволна од недоволно конкретните фаули во одбраната, бидејќи противникот ги користеше тие моменти за да создаде вишок, повторно најчесто преку пикерот. Има простор да го изненадиме Бриксен и ќе се потрудиме да се мобилизираме и да се подготвиме на најдобар можен начин.“

Без оглед на конечниот исход од европскиот двомеч, Новеска смета дека натпреварите против силни противници се од огромно значење за развојот на младата екипа на Вардар.

„Ова е големо и многу значајно искуство за овие девојки. Уште при доаѓањето имавме напорно патување, но и во такви услови успеавме да се носиме со една пресериозна екипа за нас. Многу е важно што почесто да играме вакви натпревари, бидејќи само добрите и силни противници можат да ни помогнат да направиме исчекор напред. Само на таков начин оваа екипа може да созрева во иднина“, заврши Новеска.

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾 

ЕХФ Европски куп: Вардар водеше на полувреме – па Бриксен со пресврт до победа