СТРУГА 2022: Алкалоид – амбициозниот проект предводен од Лазаров со деби на јубилејниот турнир

Во деновите што следуваат тимот на 24Ракомет ќе почне со одборјување до почетокот на јубилејното 50. издание, на најпознатиот македонски ракометен турнир што се одржува во Струга. Секојдневно преку различни текстови ќе ви ги претставиме сите екипи учесници, нивните очекувања, историјатот на турнирот, интересни детали за турнирот...Се гледаме во Струга!

Еден од дебитантите на Струшкиот турнир е екипата на Алкалоид, која во првата сезона од постоењето успеа да се пласира без ниту еден пораз во суперлигашкото друштво на Македонија.

Тимот на Алкалоид ќе биде предводен од македонската легенда Кире Лазаров, а во неговиот стручен штаб ќе биде и Билјана Црвенкоска. Најголемиот дел од играчите што играа минатата сезона останаа во клубот, а на местото на Љубомир Савевски дојде Лазаров.

Клубот се засили со голем број македонски репрезентативци – кадети, младинци и сениори. Дојдоа голманите Благојче Трајкоски и Јане Цветковски, кој ќе биде и дел од стручниот штаб како тренер на чуварите на мрежата. Потоа пивотот Никола Маркоски, бековите Михајло Младеновиќ, Марко Митев, Давид Димевски и Едвин Омерагиќ, како и крилото Александар Петковски.

Тренерот Кире Лазаров очекува учеството на турнирот да биде од големо значење за младите ракометари.

„Ние сме нов млад клуб, составен од потенцијални млади македонски играчи. Со оглед дека годинава, турнирот во Струга е посебно квалитетен, со најдобрите македонски екипи и уште три екипи од странство, кои се учесници во Лига на Шампиони и Лига Европа, за нашите играчи, учеството на овој турнир ќе биде огромно искуство, за да можат да направат чекор напред во нивните кариери“, вели Лазаров.

Капитенот Игор Ѓоргиев вели дека е големо задоволството да се учествува на ваков турнир.

„Како на мене, така и на поголем дел на играчите на РК Алкалоид, учеството на Интернационалниот ракометен турнир во Струга ќе ни биде деби. Струшкиот турнир има голема традиција. Секогаш учествувале квалитетни екипи кои се натпреварувале во најелитните европски лиги, и чест и задоволство ни е да учествуваме“, изјави Ѓоргиев.

Алкалоид ќе биде во група со двата поранешни европски прваци – Вардар и Целје, како и со третопласираниот тим во Суперлигата минатата сезона, Бутел Скопје.

клучни играчи: Благојче Трајкоски, Игор Ѓорѓиев, Мартин Серафимов

натпревари на Алкалоид на турнирот во Струга
Вардар (16 август),
Целје (17 август),
Бутел Скопје (19 август)

состав на Алкалоид: Јане Цветковски, Давид Димевски, Михајло Костовски, Никола Маркоски, Александар Стојков, Михајло Младеновиќ, Мартин Серафимов, Божидар Илиески, Марко Стојковиќ, Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Иван Галевски, Михаил Иваноски, Кристијан Симоноски, Едвин Омерагиќ, Благојче Трајкоски, Теодор Тодески, Дарио Кофилоски, Александар Петковски

Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.