Дебитантот во новата сезона во Суперлигата, Алкалоид продолжува да ги засилува своите редови, а нов играч во амбициозниот тим е кадетскиот и младински репрезентативец на Македонија, Давид Димевски.
Младиот ракометар игра на позиција лев бек и во редовите на Алкалоид ќе пристигне од прволигашот Работнички. Димевски изминатата сезона во Првата лига заврши како втор најдобар стрелец, постигна 184 погодоци на 26 одиграни натпревари.
18-годишниот ракометар е дел од македонската експедиција на ЕХФ шампионатот за кадети, кој се одржува во Летонија и заедно со македонската репрезентација настапи на ЕХФ шампионатот за младинци во Варна, Бугарија.
Својата кариера ја започна во ракометната школа на Карпош Вардар и со одличните настапи во прволигашкото друштво си обезбеди трансфер во составот на Алкалоид.
Претходно Алкалоид се засили со голманот Благојче Трајкоски, пивотот Никола Маркоски, како и бековите Михајло Младеновиќ, Едвин Омерагиќ, Марко Митев и Валентин Карасманакис. Како што е веќе познато, тимот во новата сезона ќе биде предводен од македонскиот селектор Кире Лазаров.
Алкалоид во Суперлигата ќе игра во групата А заедно со Вардар, Куманово, Вардар Неготино, Охрид, Струга, Прилеп и Бутел Скопје.