Суперлигашот Радовиш во своите редови го донесе второто засилување за новата натпреварувачка сезона, 2022/23. По ангажирањето на ракометарот од Србија, средниот бек Јакша Вјештица, раководството на клубот одлучи да се засили на голманската позиција.
Станува збор за младиот голман од Битола, Кристијан Костадиновкси, кој во екипата на Радовиш пристигна од прволигашот Кичево. Добрите партии на голот на Кичево му овозможија преселба во Радовиш и во новата сезона ќе го има дебитанскиот настап во македонската елита.
Костадиновски во својата кариера настапуваше и за младинскиот тим на Еурофарм Пелистер. 20-годишниот голман со екипата на Радовиш потпиша едногодишен договор и заедно со Славјан Паунов и Александар Ристов ќе го бранат голот на Радовиш во новата сезона.
Договорите со Радовиш ги продолжија столбот на одбраната, Александар Марков, левото крило, Кристијан Ристов, десното крило, Филип Трајанов, голманот Славјан Паунов, кружниот напаѓач Томче Трајчевски, како и тројцата ракометари кои настапуваат на бековските позиции, Ангелче Органџиев, Здравко Постолов и Иванче Ончев.
Од младинскиот погон на екипата во сениорскиот тим беа прекомандувани голманот Александар Ристов, пикерот Ристе Атанасов, десното крило Матеј Шапков и левото крило Костадин Ѓеоргиев.
Клубот го напуштија Иван Нисов и Бобан Каковски, додека Александар Долдуров и Спасе Ѓорѓиев ставија крај на својата ракометна кариера. Пред две сезони Радовиш преку бараж го обезбеди опстанокот во елитното друштво, а минатата сезона дилемите беа решени пред крајот на плеј-аутот.
Радовишани во регуларниот дел од новата сезона ќе бидат дел од групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Тиквеш, Јуниор КВ, Еурофарм Пелистер 2 и Пролет.