Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков е најновото засилување за шампионот Вардар. Левото крило прави камбек во „црвено-црниот“ тим, откако играше во Вардар во сезоната 2015/16.
Тој ќе биде големо засилување за македонскиот првак, особено што Вардар остана без Тимур Дибиров на левата крилна позиција. Велешанецот доаѓа од унгарскиот Веспрем со кој не ја продолжи соработката.
Манасков потекнува од Борец Велес, а од 2008 до 2014 играше во дресот на Металург, пред да замине во бундеслигашот Вецлар. Една сезона мина во Вардар, па една во Рајн Некар Левен, а последните пет сезони ги мина во унгарскиот гигант Веспрем каде што остави голема трага.
Левото крило е четврто засилување за Вардар по двајцата кружни напаѓачи Стефан Атанасовски и Милан Лазаревски и средниот бек Андреј Добрковиќ.
Вардарци веќе ги стартуваа подготовките за новата сезона, до Струшкиот турнир ќе тренираат во Скопје, а потоа се враќаат во главниот град за четвртфиналето од СЕХА лигата против Нексе Нашице. Ќе одиграат и натпревар од Суперкупот на Македонија против Еурофарм Пелистер кон крајот на август пред официјалниот старт на сезоната.