Репрезентативката на Холандија, Еставана Полман, која пред извесен период спогодбено се договори со Есбјерг за прекин на соработката, се наоѓа пред потпис со екипата на Никобинг, пренесува данската телевизија „Спорт ТВ2“.
Полман и поранешниот дански шампион се блиску до договор, па така холандската репрезентативка најверојатно ќе остане во Данска и во наредната сезона.
Екипата на Никобинг во изминатата сезона заврши на 5. позиција во данскиот шампионат и со евентуалното доаѓање на Полман, клубот ќе атакува на повисок пласман во најквалитетното натпреварување во Данска.
За потсетување, Есбјерг ја суспендираше Полман, откако искусната ракометарка во изминатата сезона одби да влезе на терен за време на натпреварот против Подравка во Лигата на шампионите.
По суспендирањето, двете страни беа во конфликт и доколку не дојдоа до заеднички договор, тогаш арбитражниот суд на ракометниот сојуз на Данска ќе донесеше конечна одлука за спорот меѓу Есбјерг и Полман.