Ракометарите на Прилеп в среда на 27 јули ќе ги започнат подготовките за новата натпреварувачка сезона, во која повторно ќе се натпреваруваат во македонската елита.
Прилепчани во новата сезона ќе бидат предводени од искусниот ракометар Реваз Чантурија, кој во прилепскиот тим ќе има двојна улога, ќе биде и тренер и играч. Негов помошник ќе биде Рубин Лашкоски.
Како што е веќе познато, клубот го напуштија десниот бек Хари Павлов, левите бекови Владимир Трајкоски и Даниел Андоновски, кружниот напаѓач Марко Трајковски, средниот бек Марио Гичев и двајцата репрезентативци на Грузија, голманот Зураб Цинцадзе и левото крило Хазеин Рустамов.
Раководството на клубот планира пред стартот на подготовките да донесе неколку засилувања, кои ќе ги пополнат испразнетите позиции. Во прилепскиот состав остана и еден од најдобрите стрелци, левиот бек Давор Шокоски, како и организаторот на играта, Мириан Гавашелишвили. Од помладите остануваат и Христи Бикоски, Стефан Лозаноски, Лео Дамчески, Никола Стојкоски…
Избраниците на Чантурија ќе одиграат неколку пријателски натпревари, а во периодот од 26 до 28 август, Прилеп ќе биде домаќин на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. На овој турнир покрај домаќинот, ќе играат уште три екипи од Македонија – Струга, Скопје и новиот прволигаш Мулти Есенс, како и две екипи од странство – Дубочица од Лесковац и ПАОК од Солун.
Екипата на Прилеп во регуларниот дел од новата сезона ќе игра во групата А заедно со Вардар Неготино, Струга, Вардар, Бутел Скопје, Алкалоид, Охрид и Куманово. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите четири ќе се преселат во плеј-аут групата.