На Светското младинско првенство во 2023 година во машка конкуренција домаќини ќе бидат Германија и Грција. До овој момент, познати се 12 репрезентации кои обезбедија пласман на младинскиот Мундијал, на кој ќе учествуваат вкупно 32 селекции.
Освен домаќините, Германија и Грција, на Светското младинско првенство, пласман обезбедија и репрезентациите на Исланд, Словенија, Фарски, Острови, Данска, Франција и Унгарија, како репрезентации кои разигруваа, односно ќе разигруваат за пласман од петто до 12 место на Европското младинско првенство во Португалија.
На овие репрезентации ќе им се придружат и Португалија, Шпанија, Србија и Шведска. Денес, Португалија и Шпанија ќе играат за првото место на Европското младинско првенство, додека Србија и Шведска ќе се борат за бронзениот медал.
Останатите 20 учесници ќе бидат познати по завршувањето на континенталните шампионати при крајот на месец јануари, 2023 година, кога се закажани и квалификациските турнири за европските земји. Од тие два турнири, најдобрите две репрезентации ќе бидат дел од Светското младинско првенство во Германија и Грција.
Репрезентацијата на Македонија, која, моментално учествува на ЕХФ шампионатот во Варна, за да обезбеди евентуален пласман на младинскиот Мундијал, прво треба да го освои првото место на ЕХФ шампионатот за да може да игра во квалификацискиот турнир, кој е закажан за јануари.
Избраниците на Бранко Ангеловски доколку го освојат ЕХФ шампионатот, во квалификациите ќе играат со победникот од првиот ЕХФ шампионат, репрезентацијата на Чешка и репрезентациите кои завршија од 12 до 16 место на Европското младинско првенство – Италија, Полска, Хрватска, Норвешка и Црна Гора.