Македонскиот шампион Вардар ќе остане без една од своите икони. Како што прв најави 24Ракомет, а потоа потврдија и хрватските медиуми, рускиот интернационалец Тимур Дибиров потпиша за хрватскиот првак Загреб и во следната сезона ќе го носи дресот на „плинарите“. Хрватите беа упорни да го добијат левото крило и доставија примамлива понуда до вардарецот. Неколку денови траеја преговорите меѓу Загреб и Дибиров, договорот е постигнат, па сега се чека официјална промоција во наредниот период.
Хрватскиот тим профитираше од неиграњето на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите, па го ангажираше „летечкиот Русин“ барем за оваа сезона, бидејќи остана без капитенот на левата крилна позиција – Давид Мандиќ, кој се пресели во бундеслигашот Мелсунген.
Заедно со Стојанче Стоилов, Тимур Дибиров беше еден од играчите со најдолг стаж во Вардар и беше дел од најголемите успеси на „црвено-црните“ во изминатиот период. Со Вардар освои седум титули во Македонија и седум трофеи во Купот, како и три трофеи во Супер Купот, четири титули во регионалната СЕХА лигата и две во Лигата на шампионите.
По одлуката на ЕХФ да го исклучи Вардар од Лигата на шампионите, повеќето европски екипи почнаа да ги бараат играчите на македонскиот тим. Павел Андреев следната сезона ќе ја игра во Мешков Брест, Жилберто Дуарте во бундеслигашот Гепинген, додека допрва треба да дознаеме каде ќе продолжат Божо Анѓелиќ и Нејц Цехте. Досега единствено засилување е пивотот Милан Лазаревски од словенечкиот Тримо Требње.
Капитенот Стојанче Стоилов на прес-конференцијата минатиот месец потврди дека тој ќе остане во клубот и покрај тоа што нема да игра во Лига на шампионите, а и Гоце Георгиевски потпиша нов договор со клубот. Повеќе од сигурно е дека македонските интернационалнци ќе останат за следната сезона, а од интернационалците се смета(ше) на Дарко Ѓукиќ, Куни Моралес и евентуално на Јан Чувара. Анте Гаџа е повреден и треба да се врати пред крајот на годинава, а дополнително треба да биде решен и статусот на Стефан Додиќ, кој повеќе од сигурно е дека ќе биде позајмен од Келце на друг клуб, а тој би можел да биде Вардар.
На клупата на Вардар ќе седи Владо Недановски кој го водеше тимот на последните мечеви од есенскиот дел на сезоната, меѓу кои и оној во Битола кога Вардар „извади реми“ со што го задржа првото место и пренесе бод повеќе од Еурофарм Пелистер во пролетниот дел кога се разигруваше за титулата.
Вардар го чека настапот во четвртфиналето на регионалната СЕХА лига против Нексе Нашице, како и во македонската Суперлига. „Црвено-црните“ ќе биде во групата А со Вардар Неготино, Струга, Охрид, Бутел Скопје, Прилеп, Алкалоид и Куманово.
Загреб го бара Тимур Дибиров – двете страни преговараат за трансфер