Извршниот комитет на СЕХА лигата на последниот состанок, кој беше одржан пред извесен период, донесе одлука за продолжување на регионалните натпревари за сезона 2021/22, но со прескокнување на групната фаза. Тоа значи дека пред Ф4 турнирот ќе се одиграат сите четвртфиналните натпревари.
Првиот шампион на СЕХА лигата, Вардар, во четвртфиналето за противник ќе го има незгодниот состав на Нексе, додека вториот претставник од Македонија, Еурофарм Пелистер во четвртфиналниот дуел ќе се соочи со Мешков Брест, клуб кој претрпе голем број на промени во играчкиот кадар и за очекување е дека „фармацевтите“ нема да имаат никаков проблем во борбата за место на Ф4 турнирот во СЕХА лигата.
Словачкиот шампион Татран Прешов за противник во четвртфиналето го доби унгарскиот гигант Веспрем, а Војводина во борбата за место меѓу најдобрите четири екипи во регионалното натпреварување ќе се соочи со Загреб. Четвртфиналните натпревари ќе се одиграат помеѓу 8 и 25 август. Ф4 турнирот, на кој домаќин ќе биде Задар, ќе се одржи во периодот од 2 до 4 септември.
Четвртфинални двојки:
Татран Прешов – Веспрем
Вардар – Нексе
Војводина – Загреб
Еурофарм Пелистер – Мешков Брест
Во првото полуфинале на завршницата во Задар ќе играат победниците од второто и третото четвртфинале. Во второто полуфинале ќе се соочат победниците од четвртфиналните дуели меѓу Татран Прешов и Веспрем и Еурофарм Пелистер и Мешков Брест.