Извршниот комитет на светската ракометна куќа (ИХФ) на состанокот, кој бил одржан во изминатата недела, одлучил двете вајлд-карти за овогодинешното издание на Супер Глоуб турнирот во Саудиска Арабија да им ги додели на полскиот шампион Келце и на актуелниот освојувач на Лига на Европа, екипата на Бенфика.
Со текот на годините, имаше промена на форматот на турнирот, бројот на учесници и местото на одржување. Турнирот од 2010 редовно се одржува на секоја година, со исклучок на 2020 кога беше откажан поради ситуацијата со Ковид 19. Супер Глоуб турнирот првото издание го имаше во 1997 година.
За оваа година беше предвидено да учествуваат десет екипи, но од Ракометната федерација на Саудиска Арабија во разговор со челниците на ИХФ било одлучено бројот на учесници да биде зголемен од 10 на 12 екипи, кои ќе се борат за освојување на престижниот трофеј на неофицијалното клупско светско првенство, па така шанса за настап добија Келце, кој по вторпат ќе учествува на Супер Глоуб турнирот и екипата на Бенфика, која по првпат ќе настапи на силниот турнир.
Во минатата година учествуваа шампионите на Африка, Азија, Европа, Австралија и Океанија, Северна Америка и Карибите, Централна и Јужна Америка, шампионот на Саудиска Арабија, две екипи со вајлд-карти и екс шампионот на Супер Глоуб – Барселона.
На неофицијалното клупско светско првенство во оваа сезона титулата ќе ја брани екипата на Магдебург. Супер Глоуб турнирот во Саудиска Арабија ќе се одржи во периодот од 17 до 23 октомври, 2022 година. Во следниот период, организаторот треба да објави дополнителни информации за новиот формат на турнирот.