Босански лев бек на пат кон Кавадарци

Левиот бек од БиХ, Арнад Хамзиќ се наоѓа пред трансфер во екипата на Тиквеш, која во изминатата сезона заврши на петтото место во суперлигашката конкуренција. Се работи за ракометар, кој во својата кариера има и интернационално искуство со настапите во Италија.

Хамзиќ потекнува од Коњух Живинице, клуб со кој во сезона 2017/18 настапуваше во рамки на тогашниот Челинџ Куп. 29 годишниот ракометар го носеше дресот и на Слобода од Тузла, а во изминатата сезона настапуваше за италијанскиот клуб Бриксен.

Со екипата на Бриксен играше во плеј-оф фазата во најквалитетното натпреварување во Италија, откако во регуларниот дел клубот заврши на 4. позиција. Босанецот во Италија пристигна во текот на 2020 година кога потпиша едногодишен договор со Конверзано и во првиот интернационален предизвик ја освои шампионската титула во италијанското првенство.

Од Тиквеш си заминаа левиот бек Јане Јанчев и голманот Александар Стојаноски, додека раководството на клубот успешно ја продолжи соработката со српските интернационалци, средиот бек Страхиња Симиќ и кружниот напаѓач, Никола Стефановиќ. Пред потпис со Тиквеш се наоѓа и довчерашниот голман на Охрид, Јагош Брауновиќ.

Кавадарчани во следната сезона, во која ќе бидат предводени од нов тренер, ќе играат во група Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Пролет, Еурофарм Пелистер 2, Радовиш и Јуниор КВ.