Екипата на Еурофарм Пелистер 2, која во минатата сезона заврши на 4. позиција во плеј-оф фазата и избори учество на европска сцена, за следната сезона се засили со двајца голмани.
Станува збор за Мартин Јовановски и младиот црногорски голман, Василије Печурица, за кој 24Ракомет пред извесен период најави дека ги засилува редовите на „фармацевтите“.
28-годишниот Јовановски е производ на познатата битолска школа на голмани. Се враќа во матичниот клуб од германскиот Дансенберг, а претходно настапуваше за Струга, Охрид и алжирски Петролиер. Maртин Јовановски се обврза на договор на две години.
18-годишниот младински репрезентативец на Црна Гора, Василије Печурица во тимот на Еурофарм Пелистер 2 доаѓа од Струга, а претходно настапуваше и за Будуќност. Печурица стави потпис на четиригодишен договор со битолскиот суперлигаш.
Двајцата ракометари ќе пристигнат на подготовките за новата сезона на 20 јули, а потоа и официјално ќе бидат претставени пред медиуми. Покрај овие две нови имиња, од следната сезона Еурофарм Пелистер 2 ќе биде посилен и за средниот бек Мартин Ивановски, кој доаѓа од Охрид.