Иако неколку сезони не игра во Македонија, Лука Циндриќ често се враќа во Скопје каде има многу пријатели од времето кога настапуваше за Вардар и освои титула во Лигата на шампионите. И сега откако ја одбрани титулата со Барселона, што е негова трета во кариерата, пред неколку денови во Келн, хрватскиот интернационалец повторно сврати во Скопје, да се види со старите пријатели и соиграчи.
И секако повторно беше окупиран од македонските фанови кои откако дознаа дека е во Скопје побрзаа да имаат фотографија со него, да добијат потпишан дрес. Најсреќни беа децата чиј идол беше токму Циндриќ.
А Лука со задоволство се присетува на времето кога се дружеше со македонските навивачи и традиционалното македонско гостопримство. Не беше изненаден од тоа што во Скопје се уште го паметат, и што децата со гордост го носат вардаровиот дрес со неговото име.
Не изостана и делот за средба со дел од соиграчите, да се евоцираат малку спомени, со оние со кои ја делеше соблекувалната во „Јане Сандански“.
А навивачите му велат, „црвено-црниот“ дрес најдобро ти стои.