Романскиот вицешампион ЧСМ Букурешт, кој преку вајлд-карта обезбеди учество во Лигата на шампионите за следната сезона, најави неколку засилувања, меѓу кои и Крина Пинтеа и француската голманка Лора Глосе од Ѓер.
Поранешниот европски шампион веќе ја промовираше Крина Пинтеа како нова ракометарка за следната сезона, но сѐ уште нејзиниот трансфер не е 100% реализиран бидејќи романскиот тим треба да му плати оштета на Ѓер, со оглед на тоа дека Пинтеа со унгарскиот тим имаше договор и за следната сезона. Освен за Пинтеа, ЧСМ Букурешт треба да плати оштета и за Лора Глосе, која исто така има активен договор со Ѓер.
ЧСМ Букурешт за двете споменати ракометари треба да плати 42.000 евра, пренесува романскиот портал „ГСП“. За голманката на Франција, Лора Глосе, раководството на романскиот тим треба да плати 30.000 евра, додека за репрезентативката на Романија оштетата изнесува 12.000 евра.
Во ЧСМ Букурешт, моментално, има прераспределба на структурите во раководството на клубот, а некои членови од раководството не сакаат да се исплатат никакви оштети додека не се одобри зголемениот буџет на клубот.
За следната сезона, ЧСМ Букурешт ги ангажираше Евелина Ериксон од Вајперс Кристијансад, Марија Судакова од ЦСКА Москва и репрезентативките на Франција, Грас Заади и Калидиату Ниакате, кои во ЧСМ Букурешт ќе пристигнат од Мец, односно Брест Бретањ.