Женската репрезентација на Македонија ги стартуваше подготовките за настап на Медитеранските игри во алжирскиот град Оран.
Селекторот Љубомир Савевски ќе смета на 22 ракометарки, четири повеќе од првично планирате 18 за тренинзите, а од нив ќе се бараат 16 што ќе патуваат на МИ.
„Подготовките и учеството на МИ ги скроивме така што ќе комбинираме младинско-кадетска селекција, од кои 16 се кадетки и 6 се младинки. Се определивме дека ова ќе ни биде прва фаза подготовки за Светското првенство за кадетки во Македонија, а младинките кои немаа многу шанса за игра ќе им пружиме шанса да покажат што можат и да бидат во конкуренција за ростерот пред настапот на сениорското ЕП“, вели Савевски.
Тој не е задоволен како напредуваат девојките што лани стигнаа до трофејот на ЕХФ шампионатот во Литванија.
„Не сум премногу задоволен. можеби напредуваат дел од нив, но никогаш не треба да се биде задоволен. Објективно е така, со клубовите немаат квалитетни спаринг партнери. Две три ракометарки можеби напредуваат, ако се направи лигата кај нас подобра можеби ќе имаат поквалитетни натпревари. Оние што играат во странство имаат поквалитетни тренинзи и натпревари и напредуваат.
Македонија ќе биде домаќин на СП за кадетки, а настапот на МИ ќе биде искористен за подобра подготовка.
„Јас сум оптимист. Квалитетот на СП, зборувам конкретно за европските екипи е многу поголем во споредба со лани. Ние ќе треба да бидеме уште подобри од лани, како ќе биде ќе видиме. Ждрепката можеби е полесна, но вкрстуваме со силна група со Шведска, Црна Гора и Исланд ако продолжиме понатаму“.
Селекторот нема големи очекувања од настапот на МИ, само вели дека се продолжува со градењето на репрезентацијата за во иднина.
„Ништо не очекувам од Медитерански игри, немаме притисок за некаков резултат. Наша цел е само да тренираме и да видиме што може да направиме. Другите селекции можеби одат со втор состав, но сепак се сениорки, а ние одиме со кадетска репрезентација. Јас верувам во овие девојки, ќе покажуваат уште подобри резултати. Ова е репрезентација за во иднина“, заврши Савевски.
Македонија е во групата Б заедно со Турција, Србија и Португалија, а првиот настап ќе го има на 30 јуни против Турција.
Савевски повика уште четири ракометарки – 22 во конкуренција за настап на Медитерански игри