Тимот на ПИК Сегед ја одбрани титулата во унгарскиот шампионат, откако славеше на гостувањето кај Веспрем со 29-30 со гол во последната секунда на Миклош Рошта. По триумфот во Сегед со 28-29 во првиот меч од финалната серија, Веспрем беше во пол позиција да ја врати титулата, но загуби дома и ПИК сегед само поради гол повеќе на гостински терен останува на тронот.
Во првиот дел и двете екипи имаа свои моменти, водеа со по два гола предност, но на пауза се замина со резултат 14-14. Гостите останаа без пикерот Бенце Баниди, кој доби црвен картон, а Манасков во првиот дел имаше само еден обид кон голот на Миклер кој заврши неуспешно.
Во првите пет минути од вториот дел се играше гол за гол до 17-17, а тогаш на сцена стапи Миклер. Тој им одбрани удари на Ненадиќ, Штрлек и Јахија, па ПИК Сегед казни на спротивната страна и веќе беше 17-20 за гостите.
Беше и 18-21, а во продолжение ПИК Сегед ја одржуваше разликата од еден или два гола позитива. Манасков намали на 24-25, потоа погоди и Маргуч и Веспрем беше на реми, 26-26, на осум минути до крајот на мечот.
Македонското лево крило играше одлично во одбрана, и казни едно невнимание на ПИК Сегед на празен гол за ново реми, 28-28. Бодо стрелаше од далечина за 28-29, но и Ненадиќ возврати на две минути до крај за вистинска драма. Гостите промашија и Веспрем тргна во последен напад.
Иако имаше и тајм-аут за Илиќ, неговите играчи погрешија и на петнаесетина секунди до крајот ПИК Сегед имаше напад. Бомбач организираше акција, топката стигна до Рошта, кој погоди во последната секунда за големата радост и шампионска титула на ПИК Сегед, а шок и разочарување кај скапиот Веспрем.
Миклер беше клучот на триумфот на ПИК Сегед откако имаше 15 одбрани, а Коралес и Цупара собра само осум топки. Манасков даде два гола за Веспрем, а најдобар стрелец беше Мае со седум, додека кај ПИК Сегед се истакнаа Бомбач и Рошта со по шест гола.