Грос пак ќе тресе мрежи во Ѓер, камбек и на Брох

Екипата на Ѓер денеска официјално го соопшти новиот тим за следната сезона. Унгарскиот гигант, кој во својата клупска историја има пет титули во Лигата на шампионите, успеа во своите редови да ја врати репрезентативката на Словенија, Ана Грос, како и искусниот кружен напаѓач од Холандија, Ивет Брох.

Грос во Ѓер не се задржа многу, играше две сезони, 2010/11 и 2011/12, а потоа најголемиот дел од својата кариера го мина во француски Мец, клуб во кој настапуваше пет сезони. Иако Грос беше на мета на голем број на клубови уште по нејзиното заминување од ЦСКА Москва поради воената состојба во Украина, искусната ракометарка одлучи својата кариера да ја продолжи во еден од најбогатите клубови.

Словенечката репрезентативка во Ѓер ќе пристигне од екипата на Крим каде беше член во пролетниот дел од сезоната. Камбек во дресот на Ѓер ќе има и ракометарката од Холандија, Ивет Брох, која во тимот ќе пристигне од романскиот вицешампион, ЧСМ Букурешт.

Брох заедно со Лин Блом ќе ја сочинуваат пикерската позиција во клубот. Третиот пикер во Ѓер, Кари Братсет чека принова. Холанѓанката во Ѓер настапуваше од 2015 до 2019 година и успеа со старо-новиот клуб да освои три титули во Лигата на шампионите.

Освен Грос и Брох, во Ѓер ќе пристигнат и голманката од Брест Бретањ, Сандра Тофт и левиот бек од Виборг, Лине Хаугстед. Од клубот си заминаа само Амандин Лејно, Крина Пинтеа и Лора Глосе.

Ѓер има сезона за заборав бидејќи не успеа да ја освои титулата во Лигата на шампионите, но и го загуби Куп трофејот во Унгарија откако во финалниот дуел беше поразен од Ференцварош.