Десниот бек на репрезентацијата на Шведска, Лукас Сандел, по одличните партии во претходните две сезони во Алборг, стана мета на голем број клубови, кои што сакаат да го ангажираат во своите редови.
За 25-годишниот годишниот ракометар, кој својата ракометна кариера ја стартуваше во екипата на Иштад, заинтересирани се екипите на Кил и Веспрем. Репрезентативецот на Шведска минатата сезона го продолжи својот договор со Алборг до 2023 година.
Според данскиот весник „Nordjyske“, Сандел од сезона 2023/24 би можел да се приклучи во редовите на Кил. Во составот на „зебрите“, моментално, на позицијата десен бек настапуваат Харалд Рајнкинд и Штефан Вајнхолд. Освен Кил, за услугите на младиот член на шведската репрезентација е заинтересиран и унгарскиот гигант Веспрем.
Сандел на Светското првенство 2021 година во Египет го имаше својот дебитански настап за сениорската репрезентација на Шведска и успеа со своите репрезентативни колеги да дојде до сребрениот медал на Мундијалот. Најголемиот успех го постигна на Европското првенство оваа година кога со Шведска го освои континенталниот собир.