Репрезентативецот на Црна Гора и соиграч на Филип Миркуловски во Вецлар, Стефан Чавор, на последниот тренинг пред натпреварот со Лајпциг, кој беше одигран вчера, заработил сериозна повреда.
Според информациите од раководството на Вецлар, десниот бек од Црна Гора ги скинал предните вкрстени лигаменти на левото колено.
Чавор ќе паузира најмалку девет месеци бидејќи се работи за сериозна повреда. Тоа значи дека неговиот актуелен клуб нема да може да смета на неговите услуги до крајот на оваа година.
„Го поддржуваме нашиот ракометар и правиме сѐ што е во наша моќ што поскоро да го вратиме на теренот, но без да го ризикуваме неговото здравје. Неговата повреда тешко го погоди клубот. На крајот од сезоната, тимот ќе мора да работи уште повеќе за да ја надомести оваа сериозна загуба. Покрај тоа, неопходно е да се најде замена за следната сезона, но ќе биде многу тешко да се направи тоа“, изјави директорот на Вецлар, Бјорн Заип за официјалната клупска страна на бундеслигашот.
За Чавор е неизвесен настапот на следниот Мундијал, кој ќе се одржи во Шведска и Полска, во периодот од 11 до 29 јануари. Чавор и претходно се соочуваше со повреди, а пред крајот на минатата сезона, исто така заработи тешка повреда и мораше да паузира подолг временски период.