Екипата на Вајперс Кристијансанд ќе игра во финалето од Лигата на шампиони за жени откако во полуфиналниот дуел на завршниот турнир го совлада Мец со 33:27.
Една од позабележителните во тимот на Вајперс беше репрезентативката на Хрватска, Ана Дебелиќ кој постигна четири гола на овој дуел. После натпреварот Дебелиќ ги сподели впечатоците за 24Ракомет.
„Уште во соблекувалната сите девојки се договоривме да излеземе со мирна глава, добро започнавме а потоа пропаднавме во црна дупка. Потоа повторно дадовме се од себе и направивме пресврт. Сметам дека оваа сезона е најубавата во мојата кариера, само утре да победиме па за понатаму ќе видиме“, изјави Дебелиќ.
Дебелиќ имаше краток коментар за животот во скандинавската земја.
„Сите ме прашуваат како една балканка успева да се снајде во ладната скандинавија, но таму сум со мојот сопруг и не ми недостасува ништо. Многу е полесно и издржливо“, рече Дебелиќ.
Во финалето од Лигата на шампионите за жени ќе се сретнат екипите на Кристијансанд и Ѓер. Натпреварот се игра во недела со почеток во 18 часот.