Ракометарите на Висла Плоцк имаа добро издание во финалето од Купот на Полска и стигнаа до трофејот откако убедливо го совладаа најголемиот ривал Келце со 34:27.
После поразот во клучниот меч за шампион на Полска, екипата на Висла Плоцк успеа да му земе еден трофеј на Келце. Уште од почетокот на дуелот избраниците на Хавиер Сабате имаа предност и го диктираа резултатот.
После почетните 0:2 за Келце, Висла веднаш се врати а првото повисоко водство го имаше во 11. минута кога Косоротов и двапати Житников погодија за 7:4. Таквата разлика се задржа до крај на првото полувреме, а Висла водеше 17:13.
Во продолжение на дуелот со помош на голманот Витковски кој имаше добри интервенции и сигурни реализации во нападите Висла Плоцк се одлепи на недостижна предност, во 39. минута беше 23:16 а до крај на натпреварот екипата на Келце беше немоќна да се врати во дуелот и го загуби трофејот во Купот на Полска.
Најефикасни во тимот на Висла Плоцк беа Косоротов и Сердио кои постигнаа по шест гола. Во составот на Келце, Морито беше најраположен со седум гола, а по четири постигнаа Сичко, Турна и Карачиќ.