Досега не е распишан оглас за издавање на салата во Автокоманда, но сепак барањето од Алкалоид е доставено до Владата на Република Македонија, која допрва треба да решава по ова прашање и според неофицијални извори големи се можностите најмладиот клуб на македонската суперлигашка ракометна сцена наскоро да го превземе управувањето со салата.
Новиот ракометен суперлигаш Алкалоид, кој експресно од Прва лига стигна до елитната Супер лига во иднина најверојатно ќе биде и новиот корисник и управител на салата во Автокоманда.
Досега главни во Автокоманда беа Металург, но дознаваме дека тие подолго време не ги исполнувале условите од договорот што го имале и веројатно ќе го загубат управувањето со салата.
Од Агенцијата за млади и спорт за 24Ракомет потврдуваат дека во тек е постапка по пристгнатото барање од клубот Алкалоид.
„Спортската сала Автокоманда е во сопственост на Република Северна Македонија, со право на трајно користење на Агенција за млади и спорт. Од Спортско здружение Ракометен клуб Алкалоид Скопје поднесено е барање за користење и и инвестициска програма со финансиска конструкција за нивни вложувања. Комплетното барањето со информација е доставено од страна на Агенција за млади и спорт до Влада на РСМ на нивно понатамошна надлежност и одлучување“, информираат од Агенцијата.
Неофицијално се споменува сума од половина милион евра, кои Алкалоид бил подготвен да ги вложи во реновирање на салата.
Позитивни мислења дале и Министерството за финансии дека државата нема да има никакви финансиски обврски ако Алкалоид ја добие на користење салата, која е во сопственост на државата и со право на трајно користење на Агенцијата за млади и спорт. Подолго време се водеше спор чија е салата, вклучувајќи ги и спортското друштво Скопје, па и Јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти.
Никаде досега немаше објавено оглас на кој би се барал концесионер за салата, и не е познато дали и други субјекти се или би биле заинтересирани за добивање на истата концесија.
План за реновирање и адаптација на салата постои одамна. Односно, уште во времето кога Минчо Јорданов вложуваше многу пари во клубот и Металург и во машка и во женска конкуренција беше шампион на Македонија, но планот не се реализираше.
Неофицијално во прашање се денови кога Алкалоид ќе го добие решението со кое ќе почнат да стопанисуваат со салата. Брзиот одговор, велат дека е со цел да се искористи летниот период и веднаш да се почне со реновирање на објектот.
Идејата за салата во Автокоманда е да стане нов дом на Алкалоид, за сите нивни екипи за кои досега тренираа и ги играат натпреварите во СЦ „Борис Трајковски“. Се споменува дека Алкалоид покрај тимот во Супер лигата ќе пријави и тим во Прва лига, заедно со тимови во младите категории. Логистички, добивање на салата во голема мера ќе им го олесни функционирањето и тренирањето, што во моментов е и еден од најгорливите проблеми за многу клубови – недостаток на термини за тренирање.
Во Автокоманда во моментов главните корисници се екипите на Металург, но и други екипи како Аеродром, Шампион…Со доаѓањето на Алкалоид веројатно ќе се намалат термините за другите екипи, а повеќе ќе добијат токму екипите кои се под финансиско покровителство на познатата фармацевтска компанија.