Машката сениорска репрезентација на Норвешка доби нов тренер во името на Јонас Виле, кој ќе ја извршува селекторската функција до 2026 година.
Бидејќи Виле имаше активен договор со шампионот на Шведска, Кристијанштад, ракометниот сојуз на Норвешка мораше да го откупи неговиот договор во вредност од 750.000 норвешки куни, односно 75.000 евра.
Јонас Виле беше назначен за помошен тренер на норвешката репрезентација во текот на месец октомври, 2021 година. По заминувањето на Кристијан Берге од кормилото на норвешката репрезентација, тамошниот сојуз беше во потрага по нов селектор, се шпекулираа повеќе тренерски имиња, главно од Скандинавија, но одлуката падна на Јонас Виле кој во 2019 година беше избран за најдобар тренер во Шведска откако со екипата на Сковде постигна одлични резултати.
Прв голем предизвик за новиот селектор на Норвешка ќе бидат квалификациските натпревари за настап на Европското првенство 2024 година, кое ќе се одржува во Германија. Противници на Норвешка се репрезентациите на Словачка, Финска и Србија. Квалификациските натпревари ќе стартуваат во месец октомври.