Селекторот на машката сениорска репрезентација на Словенија, Урош Зорман, го објави списокот на ракометари за Медитеранските игри, кои од 25 јуни ќе се одржуваат во алжирскиот град Оран.
Зорман се одлучи шанса да им даде на младите и надежни ракометари на Словенија и најголемиот дел од избраните играчи доаѓаат од словенечкиот шампионат, поточно од екипите на Тримо Требње, Целје, Рико Рибница, Горење Велење, Лока и Ормож.
На списокот не се најде десниот бек, Нејц Цехте, кој во новата сезона ќе настапува во Вардар, ниту пак новиот член на Еурофарм Пелистер, Урбан Лесјак кој во дресот на „фармацевтите“ ќе се приклучи на стартот на новата сезона. Меѓу избраните 17 играчи се најде и екс членот на Вардар, Домен Сикошек Пелко.
Стандардните репрезентативци како Миха Зарабец, Ник Хенигман, Блаж Јанц, Јуре Доленец, Урх Кастелиц…..добија поштеда за овој вид на натпреварување.
Репрезентацијата на Словенија првиот собир ќе го има на 13 јуни во Зрече. Ривалите на словенечката репрезентација ќе бидат наскоро познати. Стартот на медитеранските игри е означен за 25 јуни, додека крајот ќе биде на 5 јули.