Искусниот голман и капитен на Металург РА, Даниел Дупјачанец, својата кариера ќе ја продолжи во францускиот второлигаш Вилербан.
Раководството на клубот преку социјалните мрежи официјално ја потврди соработката со голманот од Македонија, која ќе трае две сезони.
Дупјачанец минатата сезона го продолжи договорот со екипата од Автокоманда, таму требаше да остане и во наредната сезона, но поради ситуацијата со поранешниот шампион на Македонија, сосема беше очекувано дека ќе го напушти клубот.
Вилербан за Дупјачанец ќе биде петти клуб во неговата интернационална кариера. Голманот кој е по потекло од Прилеп, настапуваше за екипите на Алуминиум Арак од Иран, косовските Беса и Приштина, швајцарски Кадетен Шафхаузен, а последен странски клуб за 38-годишниот голман беше полскиот суперлигаш, Азоти Пулави.
Во Македонија беше дел од Тутунски комбинат, Младост Богданци, како и од Металург. Токму со екипата на Металург во 2019 година го освои Куп трофејот на Македонија. Соработката меѓу македонскиот голман и францускиот второлигаш ќе започне од септември.