Денеска во Виена беа извлечени полуфиналните двојки на завршниот турнир во Лигата на шампионите. Екипите на Веспрем, Кил, Барселона и Келце се пласираа на годинешниот Ф4 турнир, кој традиционално се одржува во Келн.
За екипата на Келце ова ќе биде четврто учество на завршниот турнир. Шампионот на Полска последен пат на Ф4 од Лигата на шампионите учествуваше во сезона 2018/19, а во сезона 2015/16 ја освои титулата, совладувајќи го Веспрем после изведувањето на пенали.
Токму екипата на Веспрем ќе биде прва пречка за избраниците на Талант Душебаев во Келн, а доколку го елиминираат унгарскиот гигант, тогаш во финалето ќе играат со подобриот од дуелот меѓу Кил и Барселона.
Ракометарот, кој претставува важна алка во составот на Келце, Алекс Душебаев, по извлечените полуфинални двојки, за официјалната страна на ЕХФ даде свое мислење и истакна дека го посакува големиот трофеј во ЛШ.
„Нема посебна тајна за успех, треба само напорна работа. Целиот тим игра во одлична форма во оваа сезона и се надевам дека така ќе продолжиме на Ф4 во Лигата на шампионите. Би било одлично доколку го освојам трофејот заедно со мојот татко, Талант и мојот брат, Даниел“, изјави Душебаев.
Шпанецот во сезона 2016/17 со актуелниот македонски шампион, Вардар, се радуваше на првото место во Лигата на шампионите.
Натпреварите од Ф4 во елитното европско натпреварување ќе се играат на 18 и 19 јуни во „Ланксес Арена“ во Келн.