Ракометарките на Металург по освојувањето на Куп трофејот, продолжија со одличните настапи и во натпревар од 13.коло во плеј-оф фазата во Женската лига го совладаа Вардар, со резултат 26:23. Металург со освоената победа остана во игра за 2 место на табелата.
Гостинската екипа на Вардар го отвори натпреварот со голот на Диневска за водство од 0:1. Тоа беше првото и единствено водство на „црвено-црните“, кои во останатиот дел од натпреварот беа во резултатска негатива. По нерешениот резултат од 3:3, ракометарките на Јулијана Дамчевска со серија од 3:0 поведоа со 6:3 во 10 минута. Кон крајот на првата половина од првиот дел, гостинскиот состав со два гола во низа намали на 7:6, со што ги задржа шансите за освојување на бодовите
Од тој момент, двете екипи започнаа да играат во побрз ритам, па така во 20 минута од натпреварот вкупно беа постигнати 22 погодоци. При налетот на Вардар да дојде до камбек, одлична меѓу стативите беше најдобрата голманка од Ф4 во Купот, Амра Илјаз, која не дозволуваше лесни погодоци во нејзината мрежа. Металург во завршниот дел од првото полувреме ја врати предноста од три погодоци, 13:10, потоа зголеми на највисоки плус четири, 14:10 и на пауза замина со три гола позитива, 16:13.
Составот на Дамчевска за неколку минути игра во второто полувреме зголеми на пет гола предност, 19:14. Следуваше период, во кој ракометарките на Металург влегоа во мала криза, која што беше искористена од страна на гостите, кои со серија од 3:0 намалија на минус два, 20:18. Избраничките на Драгана Ристова пропуштија неколку напади за минус еден, Илјаз повторно се разбрани кога најмногу требаше, а нејзините соиграчки, Арсениевска, Младеновска и Божиноска, ја одржуваа резултатската предност на домашниот состав.
Во 50 минута, најдобриот стрелец на Вардар, Трпевска, постигна гол за минус еден, 21:20, а минута подоцна, Божиноска зголеми на 22:20. Вардар на двапати имаше шанса повторно да го направи натпреварот неизвесен, но голманката Илјаз не дозволи противникот да направи целосен пресврт. Божиноска и Младеноска зголемија на 24:20 и тука беше сосема јасно дека бодовите ќе ги освои Металург.
Најефикасни во победничката екипа беа Ива Божиноска и Ива Младеновска со по седум погодоци, додека пет реализации имаше Ивана Арсениевска. Одлична на голот беше Амра Илјаз која во завршниот дел ги откажа вардарки. Листата на стрелци кај Вардар беше предводена од Катерина Дамјановска со шест погодоци.