Македонскиот шампион Вардар веќе го составува тимот за наредната сезона, а како третото засилување ќе имаат искусен португалски лев бек со сериозен стаж. Станува збор за португалскиот репрезентативец Жилберто Дуарте.
Левиот бек доаѓа од францускиот Монпелје, каде што му завршува договорот и нема да го продолжи. Претходно ги носеше дресовите на Порто, Висла Плоцк и Барселона, со која настапи на завршниот турнир во Келн во 2019 година, каде Вардар беше шампион.
На 15 меча досега во францускиот шампионат постигна 34 погодоци, во сезоната 2019/20 постигна 21 гол, додека минатата сезона беше стрелец на 50 гола. Во Лигата на шампионите оваа сезона даде 24 гола.
Оваа сезона на левата бековска позиција во Вардар играат Филип Талески, Оливие Њокас, Бакари Диало и Марко Мишевски.
31-годишниот Дуарте е португалски репрезентативец кој има 91 репрезентативен настап и постигнато 283 голови. Пред Дуарте, Вардар ги засили своите редови со средниот бек Божо Анѓелиќ и десниот бек Нејц Цехте.