Тимот на Голден Арт по една сезона прави камбек во елитното македонско друштво и од септември повторно ќе игра во Суперлигата, па веќе се прават планови како ќе изгледа играчкиот ростер од септември.
Откако беше продолжен договорот со лидерот на екипата, Ивица Илиев, раководството на Голден Арт донесе двајца нови ракометари за следната сезона.
Станува збор за десниот бек Дејан Гошевски и кружниот напаѓач Марко Трајковски, кои оваа сезона ги бранеа боите на Тиквеш, односно Прилеп.
Гошевски играше и за Металург 2 своевремено, настапуваше и за Охрид, пред да се пресели во Кавадарци, каде остана три сезони. Трајковски е поранешен кадетски репрезентативец. Беше дел од Пролет, Бутел Скопје, Јуниор Кисела Вода, Тиквеш и Прилеп.
Голден Арт е во преговори со неколкумина ракометари од македонските клубови, па во следниот период би требало да бидат промовирани и новите имиња. Тимот оваа сезона ја завршува на второто место во прволигашкиот плеј-оф, и останува само да го одигра мечот од последното коло против Драчево на домашен терен.