Репрезентацијата на Србија избори пласман на Европското првенство 2022, на кое еден од домаќините ќе биде Македонија, откако во последното коло од квалификациите од групата 6, односно во одлучувачкиот натпревар, го совлада незгодниот состав на Исланд, со резултат 28:22.
Србија од 2000-та година е редовен учесник на континенталните собири и со обезбедениот пласман само ја потврди големата традиција од учества на Европското првенство.
Ракометарките на Исланд парираа само во првото полувреме, во кое речиси беа рамноправен противник, но на пауза мораа да заминат со минус четири гола, 19:15. Избраничките на Урош Брегар многу подобро играа во второто полувреме, максимално ги искористуваа грешките на гостинките, со што ја остварија својата мисија – пласман на Европското првенство 2022.
Најефикасна во победничката репрезентација беше Јована Стоиљковиќ со седум гола. Во листата на стрелци се запиша и поранешната ракометарка на Вардар, Марија Петровиќ со четири гола.
Шведска со победата над Турција, 33:21, го потврди првото место во групата 6, но ги најави и големите амбиции за добар пласман во ноември.
Данска во формалниот натпревар против Фарски острови дојде до убедлив триумф од 26:15. Како што веќе беше познато, репрезентацијата на Данска од втората група уште во раната фаза од квалификациите го потврди пласманот на Европското првенство. Квалификациите ги заврши со максимален учинок, шест победи на шест натпревари.
Од оваа група, за второто место, кое носи пласман на Европското првенство, репрезентациите на Романија и Австрија ќе ја имаат последната битка за виза на континенталниот собир.
Франција во натпреварот против Украина дојде до победа од 27:18. Французинките како првопласирани, а за вториот билет за ЕП ќе се борат Хрватска и Чешка.