Екипите на Фленсбург и ПИК Сегед одиграа интересен натпревар во првиот меч од осмина-финалето кој се играше во Фленс Арената. После голема борба во сите 60 минути Флеснбург триумфираше со 25:21.
ПИК Сегед одлично го започна натпреварот и го имаше почетното водство кое траеше петнаесетина минути. Ване со првиот гол во 16. минута донесе и прво водство за Фленсбург. Ричард Бодо зарботи црвен картон исто така во 16. минута што беше голем хендикеп за ПИК Сегед во продолжението на дуелот.
Домашниот тим во завршните десет минути од првиот дел играше одлично и со помош на одбраните на Бенјамин Буриќ во 28. минута имаше највисоки шест гола предност. Сепак во самата завршница на првиот дел ПИК Сегед намали и на полувреме беше 14:10.
Во продолжението двата тима играа промениливо, гостите во неколку наврати се доближија на еден или два негатива, но немаа сили да издржат до крај и да одат на реванш со минимална негатива. Во завршната фаза од натпреварот екипата на ПИК Сегед не искористи два седмерци, а Фленсбург знаеше тоа да го искористи и да обезбеди предност од четири гола пред реваншот.
Најефикасни во домашниот тим на Фленсбург беа Хампус Ване со пет погодоци и Јоханес Гола кој постигна четири гола. Во тимот на ПИК Сегед најефикасен беше Иманол Гарсиандиа со пет гола, а по три постигнаа Мартинс, Тонесен и Бобмач.