Ракометно дерби во фудбалската недела - Еурофарм Пелистер гостински поведе со 0-1 против Вардар во плеј-оф битката за титулата
1.Кој прв до јубилејната 15-ка?
Вардар е чекор подалеку од јубилејната 15 шампионска титула, Еурофарм Пелистер е чекор поблиску до истиот јубилеј и до враќање на шампионскиот пехар во Битола, прв пат по 2005 година! Накратко тоа е епилогот по изненадувачката „брејк“ победа на битолскиот тим во Скопје во првата дерби пресметка од годинашниот суперлигашки плеј-оф за титулата. Гледано севкупно и во континуитет, со сите фузии и пререгистрации и на едните и на другите.
Вардар е неприкосновен шампион во последните седум сезони во серија од 2013, плус со седум шампионски титули освоени во декадата од 1999 до 2009. Историски, Пелистер има осум постари „југословенски“ титули и уште шест од оние поновите, последната освоена уште во 2005. И никогаш како годинава во изминатава декада не бил поблиску до враќање на шампионската слава.
Ако нема попатни неочекувани изненадувања, а според односот на силите и не би требало да има, титулата сезонава ќе се решава во Битола, во втората дерби пресметка меѓу шампионот и вицешампионот. По скопскиот „брејк“, пелистерци се на врвот на табелата и во Битола ќе им биде доволно и реми за титула. Вардар пак, по поразот се стави во потешка положба – во Битола ќе му треба победа за да ја одбрани титулата.
Како и да е, старата македонска ракометна класика и легендарното ривалство Скопје-Битола, одново се враќа на сцената во полна жестина. И на терен, а богами и на трибини.
2.Добрите и лошите страни на ривалството
Поддршката од навивачите вообичаено е драгоцена за спортистите и ја прави онаа предност и разлика на домашниот терен. Но, кога навивањето е повеќе „војна“ со омраземната противничка страна на другата трибини, отколку спортска поддршка за своите на терен, тогаш се губи и предноста.
Пресметката на скопските и на битолските навивачи на трибините во „Јане“ овој пат беше лош декор на големото дерби, колку и да била намерата подруга, а атмосферата опишана како „прекрасна“.
Публиката се врати во сала речиси во полн состав по коронарните рестрикции и главно без маски… и се угуши во чад од цигари и чадни „бомби“?! Дел од посетителите на саботниот меч и предвреме ја напуштија салата кога почнаа да летаат искри, но и столици и да претрчуваат едните на тепање кај другите?!
Ниту „Сузана“ од „комитите“ ги „дигнаа“ вардарци кога падна играта, ниту пак голиот задник од кај „чкембарите“ беше достојна слика и достојна честитка за победата на пелистерци. Беше токму спротивното!
Ако се „мутнат“ вулгарностите со кои се натпреваруваат скопските и битолските навивачи, ривалството на двете моментно најсилни македонски екипи на терен носи една малку поинаква и многу подостоинствена слика, Носи и дополнителна мотивација, посебна подготовка, па и дополнителен квалитет и дополнителна неизвесност во домашниот шампионат.
Во тениски жаргон, Бабиќ со добро поставена одбрана, му направи голем, ако не и шампионски „брејк“ на Дејвис кој сега сигурно ќе има уште поголем мотив за „рибрејк“ во Битола за да не му се повтори Веспрем во Вардар.
Во саботното дерби поосебно беше впечатлив и оној „ритрн“ на Марко Кизиќ за Вардар. „Детето на Вардар“ сега на голот на Еурофарм Пелистер со бравурозните одбрани во второто полувреме стана главен адут со кој битолскиот тим се „одлепи“, победи и сега има „меч топка“ на свој сервис во Битола.
Домашниот пораз за Вардар, освен што сериозно ја загрозува одбраната на шампионската титула, доаѓа и во малку незгоден момент за „црвено-црните“. Ем титулата е загрозена, ем победничката серија прекината и самодовербата малку разнишана на неколку дена пред осминафиналната пресметка со Веспрем во Лигата на шампионите.
Освен, ако не е утеха тоа што ова не беше баш најсреќна недела ни за унгарскиот тим. И Веспрем слично како Вардар, дома се најде во загрозена ситуација во борбата за титулата, откако неочекувано загуби бод од Балатонфуреди. Па сега и тие во ЛШ ќе ги лечат раните.
Во четврток на терен ќе се види кој подобро и побрзо го пребродил шокот.
Од друга страна пак, Еурофарм Пелистер осоколен од победата излегува на мегдан со Нексе во Европската лига. Но, и таму се случи чудна коинциденција, само во обратна насока. И Нексе во саботата се осоколи со историска победа против ППД Загреб со која исто како и битолчани, се чекор поблиску до титула и до голем подвиг – да го симнат „кралот“ од тронот.
Овде утре ќе видиме кој подобро профитирал, но не од шокот, туку од подвигот.
3.И кумановки со „брејк“ во Скопје
Иако деновиве фокусот главно е на „машката“ страна во ракометот, ред е да се одбележи дека викендов во ист ден со „машкото“ се одигра и „женското“ дерби. Ракометарките на Куманово славеа гостинска победа против „Ѓорче Петров“ и направија важен „брејкот“ речиси исто колку и Еурофарм Пелистер. Само што едни во напад, другите во одбрана на шампионската титула.
Кумановки сега се издвоени на лидерската позиција и се чекор поблиску до нова шампионска титула. Иако, и тука има уште да се игра, и приказната се уште не е до крај завршена.
Но, има тука уште неколку интересни бројки и факти кои вреди да се запишат.
И во машкото и во женското дерби викендов паднаа две гостински победи во Скопје.
И во победата на Еурофарм Пелистер против Вардар и во триумфот на Куманово против „Ѓорче Петров“, некако клучна излезе улогата на голманите. Марко Кизиќ ги одбрани битолчани, а Катарина Митровиќ со 21 одбрана го завери триумфот на кумановки.
ЖРК Куманово нема пораз во женската лига од април 2019 и ја продолжува победничката серија кон нова шампионска титула.
Интересен е и податокот дека во дел од овој победнички период на клупата на Куманово беше Симе Симовски, кој сега ги предводи ѓорчепетровки во новиот подем и во проектот за возобновување на клубот со голема традиција. А, наскоро како што е најавено, и со наследена европска титула од Кометал Ѓорче Петров.
Прослава на старата со нова титула, за ѓорчепетровки сигурно би била идеална ситуација и мотив плус во реваншот во Куманово на 22 мај, три дена по јубилејната 20-годишнина од европската титула на Кометал ЃП.
Како и да е, ќе има интересна завршница во најава и за женската и за машката титула. Посебно по овие саботните „брејкови“ во Скопје.
Борбата за титула сега продолжува во Куманово и во Битола…