Македонското „ракометното класико“ меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер понуди неизвесност до самиот крај, а на победа се радуваа ракометарите на Жељко Бабиќ, кои триумфираа со 24-23 (12-11).
Ракометарот на Вардар, Гоце Георгиевски смета дека битолскиот тим заслужено ги освои бодовите од дерби пресметката во плеј-оф фазата. Битолчани, за разлика од „црвено-црните“, одиграа максимално концентрирани во текот на целиот натпревар, иако во одредени моменти имаа мал пад во играта.
„Играчите на Еурофарм Пелистер беа подобри на овој натпревар и водеа во речиси најголемиот дел од второто полувреме. Тие имаа расположени ракометари за игра, Кизиќ во второто полувреме многу добро бранеше и мислам дека заслужено триумфираа“, изјави Георгиевски.
Најверојатно, за титулата во годинешната сезона ќе решава реванш натпреварот меѓу овие две екипи, кој треба да се одигра околу 1 мај во Битола. Но, со изгубената прва битка од Еурофарм Пелистер, патот на вардарци до титулата е трнлив.
„Уште не е завршено ништо. Знаевме дека што и да се случи на денешниот натпревар, ништо не завршено. Тој реванш натпревар во Битола ќе биде одлучувачки, но сега некако патот е уште потежок за титулата“, заврши Георгиевски.
Еурофарм Пелистер со “брејк“ во Скопје – За титулата ќе се решава во Битола