Драмата во Велес заврши без победник – Ѓорѓевски донесе бод за Македонија ЃП

Натпреварот во плеј-аут групата во Првата машка лига меѓу екипите на Борец и Македонија ЃП заврши без победник, 25:25. Главен виновник за бодот на гостите беше ракометарот на Македонија ЃП, Александар Ѓорѓевски, кој по истекот на регуларните 60. минути постигна фантастичен гол низ поставениот блок на домаќините.

Ракометарите на Игор Тодоровски во најголемиот дел од првото полувреме беа во водство, иако во денешниот натпревар домашната екипа настапи со само 11 играчи. Гостите од Ѓорче Петров само во неколку моменти во првото полувреме успеаја да парираат и резултатски да бидат во игра.

Стојанов, Табаков и Гугуталиев, беа носители на позитивниот резултат на Борец. Домашниот состав во 20. минута влезе со предност од 13:9. Домаќините до самиот крај на првото полувреме ја задржаа својата предност и на пауза заминаа со водство од 17:13.

Во второто полувреме се разигра еден од главните стрелци на Македонија ЃП, Ѓиноски. Со неговите погодоци, гостинскиот тим успеа на петнаесетина минути пред крајот да дојде до израмнување на резултатот, 19:19. Во следниот период се играше гол за гол и само нијанси одлучуваа како ќе заврши средбата.

По нерешениот резултат од 21:21, следуваа два гола на гостинскиот ракометар, Ѓиноски, за највисоко водство на Македонија ЃП од 23:21. Екипата на Борец возврати со иста мера и со погодоците на Табаков и Сиљанов дојде до израмнување, 23:23.

Во последната минута од натпреварот се влезе со нерешен резултат од 24:24. Стојанов на триесетина секунди пред крајот постигна гол за водство на домаќините од 25:24, додека Ѓорѓевски по истекот на регуларните 60. минути  постигна фантастичен гол низ поставениот блок на домаќините за поделба на бодовите (25:25).

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Македонија ЃП, Максимилијан Ѓиноски со осум погодоци. Во екипата на Борец се истакнаа Лазар Стојанов со седум, Илија Табаков со шест и Стефан Гугуталиев со пет погодоци.