Повеќекратниот шампион на Украина, Галичанка Лвов се пресели во чешкиот град Ходонин кој ќе биде нивна нова база во наредниот период.
Екипата на Галичанка Лвов се натпреварува во Европскиот Куп, а по кратки преговори тие побарале помош од Чешка која без проблеми им излегла во пресрет и ќе биде нивни домаќин.
Во Европскиот Куп Галичанка Лвов ќе игра полуфинале против Рокаса Гран Канарија од Шпанија. Домашната федерација во Чешка на ракометарките на овој клуб им обезбедила хотел и услови за тренирање и играње натпревари.
„Ходонин ни ја понуди оваа опција, а нашиот претседател Роман Федишин веднаш се согласи. Работата беше договорена за два дена. Имавме само три часа да ги спакуваме куферите. Одлуката не беше лесна. Девојчињата не сакаа да ја напуштат Украина за време на војната затоа што нивните родители и сопрузи останаа дома. Но, на крајот одлучивме да дојдеме во Чешка каде што ќе можеме да играме и да ја претставуваме Украина“, изјави помошничката тренер во Галичанка Тетјана Штефан.
Првиот тренер на екипата Виталиј Андронов не е со тимот во Чешка. Андронов мораше да остане во Украина, па затоа тимот го води неговата помошничка.