Една од легендарните голманки, Клара Волтеринг, која двапати ја има освоено Лигата на шампионите со Будуќност, моментално е тренер на голманите во Борусија Дортмунд и во женската сениорска репрезентација на Германија.
Волтеринг покрај својот професионален ангажман на клупско и репрезентативно ниво, наоѓа време и за работа на семејната фарма.
Искусната голманка во интервју за ЕХФ зборуваше за нејзината ракометна кариера, како и за работата на семејната фарма во Вестфалија.
„Кога имате фарма со 250 бикови, 40.000 кокошки и 50 хектари земја наоколу, секогаш има многу работа. Целата работа ја работам јас, татко ми и мајка ми. Тоа е класична семејна фарма во Вестфалија. Денес, нашата фарма е фокусна точка на мојот живот, но сепак тука е мојата страст за ракометот. Овој спорт за мене е како вирус и кога еднаш ќе се заразиш, никогаш повеќе не можеш да се откажеш. Отсекогаш ми беше највисок принцип во ракометот и во животот на фармата да дадам 100 проценти од себе. На сите им кажувам дека ако сакате да постигнете нешто, без разлика што е тоа, треба да дадете 100 проценти, треба да имате постојана волја и амбиција“, изјави Волтеринг.
Во својата кариера, Волтеринг настапуваше за Косфелд, Баер Леверкузен, Будуќност и Борусија Дортмунд. Во текот на 2019 година ја заврши клупската кариера во дресот на Борусија Дортмунд, додека за националниот тим на Германија играше во периодот од 2003, па сѐ до 2017 година.