Машката сениорска репрезентација на Норвешка остана без селектор откако Ракометната федерација на Норвешка соопшти дека ја прекинува соработката со Кристијан Берге. Главната причина е желбата на Берге да седне на клупата на новиот проект Колстад.
По завршувањето на Европското првенство каде што Норвешка го освои 5. место, Берге доби ултиматум од Ракометната федерација на Норвешка и требаше да одбередали сака да продолжи како селектор или да ја прифати понудата на Колстад бидејќи во Ракометната федерација не сакаат да имаат селектор кој ќе работи и во клуб.
„Ги почитуваме желбите на Кристијан. Ние стоиме на ставот дека нашиот селектор не може да има уште една тренерска работа“, вели претседателот на Ракометната федерација на Норвешка, Каре Геир Лио.
Федерацијата сè уште нема најдено замена бидејќи според договорот, Берге требаше да ги предводи Норвежаните до 2025 година. Веројатно Златната лига во март ќе биде последна за Берге на клупата на Норвешка.
Берге е селектор на Норвешка од 2014 година со која освои две сребра на Мундијалите во 2017 и 2019 година, а пред две години на Европското првенство Норвежаните беа бронзени. На овој шампионат завршија како петтопласирани со што си обезбедија директен пласман на следното Светско првенство.