Екипата на Келце во рамки од 12. коло од Лигата на шампионите стигна до убедлива победа против составот на Мотор со резултат 33:27, во натпревар од Групата Б.
Избраниците на Талант Душебаев немаа никаков отпор во првото полувреме и многу лесно доаѓаа до погодоци. Веќе по пет минути игра, полскиот шампион имаше солидно водство од 8:2. Екипата на Мотор, најчесто преку Маласинскас, Бокан и Хориха, се обидуваше да ја преполови негативната разлика, но и по 15. минути игра заостануваше на минус шест, 13:7.
Келце поради високото водство кое го имаше во текот на првото полувреме дозволи да има мало опуштање во своите редови во последните десет минути од првиот дел. Сепак, домаќините предноста од шест гола разлика ја одржуваа без никаков проблем и на пауза заминаа со водство од 19:13.
Гостинската екипа на самиот почеток на второто полувреме со два гола во низа намали на минус четири гола разлика, 19:15. Солиден меѓу стативите беше голманот на Мотор, Максим Вујник, кој немаше голема поддршка од неговите колеги.
Келце во 38. минута повторно се врати на плус шест, 23:17. За неполни пет минути домаќините постигнаа три погодоци и стигнаа до највисокото водство од 26:17. Тука во целост беше обезбедена победата на Келце, како и новите бодови на неговото конто.
Најефикасни во редовите на Келце беа Николас Турна со осум и Аркадиуш Морито со седум погодоци. Во составот на Мотор прв стрелец беше Дмитро Хориха со пет погодоци.